Државата следната година ќе потроши повеќе пари за плати во одбраната, здравството и образованието. Зголемување на основицата за придонеси од 12 просечни плати на 16 за оние со повисоки плати и зголемување на акцизата за нафтата за три денари. Ова е предвидено во предлог буџетот за 2018 година, кој во Собрание треба да биде доставен до 15 ноември.
- Буџетот за 2018 година ќе биде 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра, односно толку средства се планирани за расходи.
- Планираните приходи во буџетот за 2018 година се 193,5 милјарди денари или 3,14 милијарди евра.
- Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП), и е помал од годинешниот кој е 2,9 отсто од БДП.
- За следната година проектиран е раст на економијата од 3,2 отсто.
- Акцизата за нафта, поточно за дизелот, мазутот и екстралесното масло за домаќинства, како што кажа министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе се зголеми од 0,20 евроценти на 0,26, а според стандардите на ЕУ треба да биде 0,33.
- Од зголемувањето на акцизата во буџетот на државата се очекува да се слеат дополнителни 1,6 милијарди денари, а од ДДВ од продажба на дизелот дополнителни 350 милиони денари.
- За плати во 2018 година предвидени се 27,1 милијарди денари, а растот од 460 милиони денари или 1,7 отсто е за зголемување на платите во одбраната.
- За 2,4 отсто или за 420 милиони денари намалени се расходите за стоки и услуги, а за пензии предвидени се 2,1 милијарди денари повеќе од годинава.
- Буџетот за здравство за 2018 година е зголемен за 1,1 милијарда денари и вкупно ќе изнесува 28,2 милијарди денари
- За капитални инвестиции предвидени се 24,7 милијарди денари.
- Скалестото зголемување на персоналниот данок на доход, според Министерството за финансии треба да стартува во јануари 2019 година, а догодина треба да се донесат потребните законски измени.
Е. БОЧВАРОВСКА