ПРЕМИЕРА НА МЈУЗИКЛОТ „ЖИВОТОТ Е…“ НА НАТАША ПОПЛАВСКА СО МУЗИКА НА РИСТО ВРТЕВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Животот е…“ е насловен мјузиклот во режија на Наташа Поплавска, со музика на Ристо Вртев и кореографија на Олга Панго, кој премиерно ќе се изведе утре во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ).

„Преку животната приказна на кабаретската ѕвезда Сели Боулс и случките од некогашниот берлински ‘Кит Кет кабаре клуб’ ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на Нет Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на ‘Крафтверк’“, најавува Поплавска.

Во претставата играат Иван Вртев, Ендрју Кук, Дафина Данилоска-Кочевска, Маја Митровска-Богојевска, Биби Басмаџиева-Ковачевски, Ангела Велевска, Ангела Богатинова, Сарина Стојановска, Михаела Перевска и Мартина Аврамовска, како и џез изведувачката Марија Димитријевиќ. Костимите се на Александар Ношпал. Во проектот се вклучени и видеодизајнерот Дејан Матиќ и светлодизајнерот Милчо Александров.

Претставата е во продукција на здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт медиа“, во соработка со НОБ. Репризата е закажана за 19 февруари 2022.