Вечерва во 20 часот, во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Не сега, драга“ од Реј Куни, во режија на Коле Ангеловски.
Премиерата е во чест на шестгодишнината на театарот, како и на Светскиот ден на театарот, што се одбележува на 27 март.
Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, а играат Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски-Тино, Ева Скендеровска, Дарко Вељиќ, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Жарко Димоски и Тања Мицков.
„Реј Куни е многу познато име во светот на комедијата и еден од најголемите живи мајстори, кој своите инспирација и начин на размислување ги црпи од Фејдо. Неговите комедии се комедии на ситуации или таканаречени булеварски комедии, без многу психологија и интелектуални мисли, но со многу брз ритам и многу врати, од кои се влегува и излегува и на тој начин се создава ритамот“, вели режисерот Ангеловски.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимите на Раде Василев.