Вечерва во 20 часот, во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Нема да платам“ од Дарио Фо, во режија на Александра Кардалевска.
Играат Атанас Атанaсовски, Валентин Костадиновски-Тино, Зорица Нушева, Жаклина Петровска и Александар Михајловски.
„Политичката сатира на Дарио Фо, добитникот на Нобелова награда за литература, драмски писател, сценарист, режисер, актер и борец за човекови права и еднаквост, ги пресликува реакциите на потрошувачите против зголемувањето на цените и е провокативна реакција против злоупотребите и неправдите на општеството“, најавува театарот.
Драматург на претставата е Дарко Јан Спасов, сценографијата е на Зоран Ѓурески, а костимите на Маја Ѓуреска и Антонија Гунинска-Јорданоска. Изборот на музика го направи Александар Јорданов. Репризата е на 22 јануари.