Три од четирите награди на Фестивалот на античка драма Стоби, кој се одржа во Велес, ги освои претставата „Антигона“ на Драмскиот театар од Плевен, Бугарија. Таа освои Гран-при, најдобра режија за Александар Морфов и најдобра машка ролја за Дејан Донков.
„Овие награди се огромно признание за нашиот вложен труд. Многу сме благодарни што нашата работа е призната од жирито на еден значаен фестивал со традиција од две декади. Претставата имаше премиера лани во септември и ова е наше прво гостување во странство. Реакциите на публиката во Софија, Пловдив и Велес беа секаде исти, со одличен прием и многу пофалби“, рече Симеонов, асистент на режија на претставата „Антигона“.
Втора година по ред, признанијата на фестивалот заминуваат за Бугарија. Минатата година, претставата „Одисеј“ на Драмскиот театар од Пловдив доби Гран-при и награда за режија за Дијана Добрева.
Единствената награда која не замина за Плевен е за најдобра женска ролја, што ја доби Илина Чоревска за улогата на Медеја во претставата „Мај нејм ис Медеја“ на Битолски театар. Таа наградата ѝ ја посвети на мајка ѝ.
„Неизмерно сум среќна што во градот на моите предци, на мојот дедо Трајко, ја добивам оваа награда. Претходно во Прилеп добив награда за најдобра женска улога од истата претстава, од овој град е другиот дел на моите предци. Наградата ќе ме поттикне да работам уште повеќе и уште подетаљно“, рече Чоревска.
Фестивалот донесе ново читање, нов концепт на античките текстови, соодветни на времето кое го живееме.
Специјална награда за оригинално драматуршко толкување и авторство доби Билјана Крајчевска за „Жени во собрание”, продукција на Театар Комедија.
Во конкуренција за награди беа одиграни седум претстави од Македонија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и Казахстан. За десет дена се одржаа 30 настани.
П. ПЕЧКОВ