Двајца пријатели кои одгледуваат корали и Костарика се меѓу првите добитници на наградата Earthshots, што ја востанови принцот Вилијам како своевидна Нобелова награда за екологија. Првите пет добитници беа објавени вчера и секој ќе прими по милион фунти.
Во духот на наградата, никој од присутните не допатувал со авион на церемонијата во Лондон, пластика не била користена за да се изгради бината, а гостите биле замолени да ја земат предвид животната средина при изборот на облеката. Така актерката Ема Вотсон носеше фустан направен од десет различни фустани од хуманитарната организација „Оксфам“.

Секоја година во оваа деценија ќе се наградуваат по пет проекти кои даваат најдобро решение за еколошките проблеми на Земјата. Годинашните победници ги избра жирито во кое беа и Дејвид Атенборо, Кејт Бланшет и Шакира.
- Костарика своевремено уништи голем дел од своите шуми, но во меѓувреме го удвои бројот на дрвјата и стана пример за други. Државата им плаќа на локалните жители да обновуваат природни екосистеми.
- Индискиот град Такачар разви подвижна машина која го претвора земјоделскиот отпад во ѓубриво.
- Проектот „Корал вита“ го почнаа двајца пријатели со цел да одгледуваат корали на Бахами. Користејќи специјални резервоари, тие развија начин за одгледување корали 50 пати побрзо отколку во природата.
- Центрите за фрлена храна во Милано ги собираат неискористените намирници и ги даваат на оние на кои им требаат.
- „AEM Electrolyser“ е паметен дизајн од Тајланд кој користи обновлива енергија за да произведе водород со разделување на водата на кислород и водород.