ПРИСЛУШУВАЧИТЕ ГРУЈЕВСКИ И БОШКОСКИ УАПСЕНИ ВО ГРЦИЈА ПО 86 ДЕНА ВО БЕГСТВО

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошковски вчера беа уапсени од грчката полиција во Солун, потврдија извори од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК кои сакаат да останат анонимни затоа што не се овластени да даваат изјави во јавноста. Грујевски и Бошкоски, кои се обвинети во споениот предмет на СЈО од случаите „Тврдина“ и „Таргет“, беа во бегство 86 дена, а по нив МВР имаше издадено и меѓународни потерници.

  • Апелациониот суд на 18 јули им одреди притвор на двајцата, но наредбата од Апелациониот суд за нивно спроведување во истражниот затвор во Шутка дојде во полицијата вечерта во 21 часот на 26 јули, бидејќи се чекаше одлуката на Врховниот суд по жалбите на обвинетите. Полицијата таа вечер не ги најде дома обвинетите.
  • Грујевски и Бошкоски се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права.
  • На Грујевски му се суди во отсуство во случајот „Тврдина 2“ за палење илјадници списи во МВР поврзани со прислушувањето. Следното рочиште од судењето е закажано за 2 ноември. Адвокатот на Грујевски, Љупчо Шврговски, на последното рочиште рече дека нема никаков контакт со обвинетиот од моментот кога тој е недостапен на органите на прогонот.