Велешките актери му оддадоа почит на Петре Прличко на 26-годишнината од смртта. Пред бистата на актерот во Младинскиот парк, донација од скулпторот Томе Серафимовски, беше положено цвеќе. Тоа го сторија пензионираните актери Александар Ѓорѓиев и Кирил Гравчев, обајцата добитници на наградата за животно дело „Петре Прличко“, и Слободанка Чичевска, актерка од Велешки театар.
„Полагаме цвеќе за Прличко, великан на глумиштето и доајен на театарската уметност во Македонија. Тој остави голема трага и силно дело во театарот и во културата, како во Македонија, така и надвор од неа“, рече Чичевска.
На прашањето дали градот и државата му оддадоа доволно почит на Прличко, Чичевска рече дека има простор за повеќе.
„Можно е во негова чест да се организираат театарски игри или фестивал. Има простор за негово чествување, не само еден букет цвеќе на овој ден“, одговори Чичевска.
Во чест на Прличко се доделува актерска награда за животно дело. Годинава беше распишан конкурс, но одлука кој е добитникот сѐ уште нема.
П. ПЕЧКОВ