Двете нови изданија на Кинотеката, книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блурејот „Пет македонски етнолошки филма“, ќе бидат промовирани на 6 декември во 12 часот.
Промотори на книгата нa Сунчица Симоновска-Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат Драгица Поповска од Институтот за национална историја и Атанас Чупоски, советник-филмолог во Кинотеката. Рецензенти на печатеното издание на истоимениот магистерски труд на Симоновска-Веселиновска се проф. д-р Антоанела Петковска и проф. д-р Тодор Чепреганов.
За блуреј изданието, од Кинотеката велат дека станува збор за пет документарни филма со етнолошка тематика снимени во 1950-тите и 1960-тите, во продукција на Етнолошкиот музеј во Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Нивната дигитална реставрација ја направи Владимир Павловски, а промотор на блуреј изданието ќе биде етнологот Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија.