Повеќе од половина од новокупените автомобили во Норвешка минатата година биле електрични, што оваа земја ја прави светски лидер на полето на елиминирањето возила со мотори со внатрешно согорување.
Пазарниот удел на електрични возила во Норвешка пораснал на 54,3% во 2020, што е зголемување за 13% во споредба со претходната година. Ако кон ова се додадат и хибридните модели, уделот на електрифицирани возила изнесувал 83% во 2020.
Бензинските и дизелските автомобили опфаќале 71% од пазарот во 2015, што сега падна на само 17%.
„Норвешка овозможува даночни олеснувања со цел секое ново купено патничко возило до крајот на 2025 година да биде со нулта емисија на штетни гасови. Рекордната продажба на електрични возила во 2020 значи дека земјата и порано може да ги исполни своите цели“, изјави Ејвинд Солберг Торсен, извршниот директор на Федерацијата на норвешки патишта.