Доаѓајќи во Саудиска Арабија, Кристијано Роналдо кажа дека неговата работа во Европа е завршена, зашто таму освоил сè и играл во најзначајните клубови и лиги.
Сепак, трансферот во Ал-Наср, вреден најмалку 200 милиони евра годишно, е чекор во непознато. Саудиската Про лига досега не беше на радарот ниту на најлојалните западни фудбалски фанови, но е многу популарна во арапскиот свет. Над 1,25 милиони гледачи присуствувале на мечевите во сезоната 2021/22, а ТВ-гледаноста била над 215 милиони.
Оваа лига е востановена во 2008, но натпреварувањето постои од 1976. Сегашниот првак Ал-Хилал е најуспешниот клуб со 18 титули, а четири пати ја освоил и азиската Лига на шампиони. Ал-Наср има девет шампионски титули, последна во 2019.
Сите клубови се во сопственост на владата, но работат независно.
Минатата година, во лигата со 16 екипи играле 128 странци. Меѓу нив се истакнуваат бившиот бразилски репрезентативец од Баерн, Луиз Густаво и некогашниот голман на Арсенал и Наполи, Давид Оспина, кои ќе му бидат соиграчи на Роналдо. Аргентинецот Евер Банега сега игра за Ал-Шабаб, по кариерата во Атлетико, Валенсија, Интер и Севилја.
Саудијците се надеваат дека доаѓањето на Роналдо ќе привлече и други елитни фудбалери во нивната лига.
(Фото: АП)