„Со ‘Кајмак’ го омрсивме Сараево. Убаво е кога некој ви ја цени работата, трудот и уметноста“, изјави македонскиот режисер Милчо Манчевски, кој синоќа со екипата го претстави филмот на Сараевскиот филмски фестивал. Во Сараево, Манчевски има третман на легенда на европската кинематографија.
„Извонреден прием со преполно гледалиште, многу смеа и аплаузи имаше синоќа ‘Кајмак’ на Сараевскиот филмски фестивал. Актерката Ана Стојановска во спектакуларно издание освои со настапот на црвениот килим со екипата на ‘Кајмак’ заедно со режисерот Манчевски, колегата Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев, пред проекцијата во програмата Open Air, во која на отворено се прикажуваат хитовите на годината. ‘Кајмак’ ќе продолжи да игра и во кината низ БиХ“, соопшти продукцијата.
Како и вобичаено, присуството на Манчевски на фестивалите предизвикува голем интерес кај медиумите, а во Сараево, покрај другите, беше ангажиран и за три големи, детаљни интервјуа за Радио БиХ, Танјуг и телевизијата Н1. Како гостин на фестивалот, Манчевски доби и почесно место на вечерата со годинашните лауреати, шкотската режисерка Лин Ремзи и американскиот оскаровец сценаристот Чарли Кауфман.
„Кајмак“ овој месец продолжува со успешниот фестивалски живот, а на 23 август ќе биде и американската премиера на 33. издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, специфичен по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. До крајот на август и во почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште четири европски фестивали. Во јуни, „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Иако македонски, филмот е повеќе од 50% финансиран од странски државни фондови. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка и Кариби – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис. Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија.
„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.
Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.