Повеќе од 60 дела ќе бидат изложени на 17. Зимски салон, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, кој се отвора вечерва во 20 часот, во Националната галерија на Македонија-Чифте амам.

Годинашен селектор на биеналната ликовна манифестација е српскиот историчар на уметност Никола Шуица, а темата е „Спектрални места“.

Изложбата, како што велат од ДЛУМ, низ мултимедијална композиција суштински пристапува кон различните сензационални толкувања на просторноста, која ги носи визуелната уметност на 21. век.

Поставката содржи дела од домашни и од странски автори, како од Англија, Германија, Србија и Хрватска.

„Зимски салон е една од ретките ликовни манифестации која од самото основање задржа автентичност во однос на ексклузивност на уметниците и нивните креации. Атрактивна и интригантна во истражувањето на просторот, и годинашната изложба преку обединување на сите ликовни медиуми, објекти и документација ќе ги подигне критериумите и ќе претстави нови вредности во уметничкиот израз“, најавуваат од ДЛУМ.

На вечерашното отворање ќе биде прогласен и добитникот на Гран-при наградата – престој во ателјето на „Сите дез арт“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура на Македонија.