СЕ ПРОДАВА ДРЕСОТ НА МАРАДОНА ВО КОЈ ГО ПОСТИГНА СЛАВНИОТ ГОЛ СО РАКА, СЕ ОЧЕКУВА ЦЕНА ОД НАД 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Лондон, (АП)

Дресот што Диего Армандо Марадона го носеше кога го постигна најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот за првпат ќе биде понуден на аукција. Станува збор за синиот дрес од мечот со Англија во четвртфиналето на Светското првенство 1986, кога Марадона постигна гол со рака, што во фудбалските анали влезе како „божја рака“.

„Сотбис“ кажа дека дресот би можел да достигне цена од 5,2 милиона долари на аукцијата на 20 април.

„Овој дрес спаѓа меѓу најзначајните спортски предмети на светот. Тој момент е легендарен во историјата на спортот“, изјави Брам Вахтер, шефот за урбани и модерни колекционерски предмети во „Сотбис“.

Марадона го постигна голот на 22 јуни 1986, четири години откако Аргентина и Британија војуваа за Фолкландските Острови. Тој потоа кажа дека го дал „малку со главата на Марадона, малку со раката на Господ“.

Незаборавен е и неговиот втор гол на мечот, кога го помина речиси целиот англиски тим, пред да го совлада Питер Шилтон. Тој беше прогласен за гол на векот во анкета на ФИФА во 2002.

По натпреварот, Марадона го размени дресот со англискиот репрезентативец Стив Хоџ, кој никогаш не го продал, но во изминатите 20 години го позајми на Националниот фудбалски музеј на Англија во Манчестер. Според Вахтер, Хоџ сега решил дека е вистинско време да го продаде.