На одбележувањето на 16-годишнината од основањето, универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип им додели ваучери од 10.000 денари на најдобрите студенти, а на светски познатиот гитарист Влатко Стефановски му врачи посебна плакета за неговата донација на музички материјали.
„На Акедемијата за музичко образование при Штипскиот универзитет му подарив разни музички материјали, плочи и голем број специјализирани музички списанија од светски ранг. Сметам дека тие како дел од универзитетската библиотека добро ќе им дојдат на студентите по музика, како соодветна литература, со која ќе го надградуваат своето знаење“, кажа Стефановски.
Тој додаде дека Штип го чувствува како свој втор роден град.
„Тука имам голем број пријатели, а Универзитетот посебно го ценам. Една година бев војник овде, а потоа одржав кој знае колку концерти. Во свежо сеќавање ми се и последните концерти во Домот на младите во Штип, а еден од нив беше во чест на јубилеј на универзитетот“, рече Стефановски.
Т. ЈОВАНОВСКИ