ШТИП ПОТРОШИ 6.000 ЕВРА ЗА НОВОГОДИШНОТО УКРАСУВАЊЕ, ЌЕ СЕ КИТИ ДО 19 ДЕКЕМВРИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Штипските комунални служби деновиве интезивно работат на поставувањето на инсталацијата за новогодишното украсување на градот. Во преден план се плоштадите и централните улици. Целосното украсување треба да биде готово до 19 декември, кога е празникот на градот Свети Никола.

За новогодишното украсување, Општина Штип издвои 6.000 евра за набавка на нови сијалици, за да се заменат дотраените и оштетените од претходните години. Набавена е инсталација во должина од пет километри, а само просторот околу реката Отиња е речиси толку.

Штипските комуналци велат дека приоритет за украсување се централните улици покрај кејот на Отиња во должина од неполни два километра, од Ново Село до горниот дел на градот кај Старите градски кули во населбата Бриони.

„На централната улица Ванчо Прќе веќе е поставена целокупната светлечка инсталација на долгиот дрворед, што е подигнат уште пред половина век“, велат од општинските служби.

Тие додаваат дека деновиве ќе се работи на украсување на плоштадот Слобода, каде традиционално ќе се осветли и големата новогодишна елка. Украсувањето ќе се врши во последните денови пред Нова година, затоа што ланските украси беа извадени од елката уште пред дочекот. Затоа годинава ќе има посебно обезбедување покрај елката. 

„Малку од економски причини, но и како една нововостановена традиција, до крајот на оваа недела ќе заврши комплетното поставување на инсталациите, но тие генерално ќе светнат ден пред 19 декември, во чест на празникот на градот, Свети Никола“, вели директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски.

Т. ЈОВАНОВСКИ