ШТИПСКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ИВАН КОСТЕВСКИ И МАРИО ВАНЧОВСКИ ОСВОЈУВААТ МЕДАЛИ НА ОЛИМПИЈАДИТЕ ПО ПРИРОДНИ НАУКИ, НО НЕ ДОБИВААТ ДОВОЛНО ПОДДРШКА ОД ДРЖАВАТА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Веќе неколку години, штипските гимназијалци Иван Костевски и Марио Ванчовски освојуваат медали и посебни признанија на интернационални натпревари по природни науки и олимпијади што се одржуваат во светот.

Костевски е на првото место во Македонија по бројот на освоени први места на државните натпревари по хемија и физика. Во походот по медали на натпреварите по хемија, физика, математика, астрономија и астрофизика тој не е сам, туку го следи и неговиот школски другар Марио Ванчовски. Двајцата се трета година во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип.

„Освоив златен медал на Олимпискиот натпревар по физика кој се одржа онлајн под покровителство на организацискиот центар во Њујорк. Сребро освоив на најмасовниот олимписки натпревар по природни науки, во конкуренција на 22.000 учесници од 116 земји. Имам и бронзен медал од јуниорската Олимпијада по природни науки која се одржа во Саудиска Арабија“, вели Костевски.

Ванчоски во јули минатата година освои бронзен медал на 55. Олимпијада по хемија во Цирих во конкуренција на 350 учесници од 90 држави. Задоволен е што лани ги добил признанието „Успешни млади таленти“ од претседателот на држвата и општинското признание „19 декември“ на Град Штип.

Нивните витрини се претесни да ги примат сите медали и признанија што досега ги добиле на разни светски натпревари. Костевски освои сребрен медал на меѓународниот натпревар по астрономија и астрофизика во конкуренција на 4.650 натпреварувачи од 98 земји, а на меѓународниот натпревар по математика освои бронзен медал во конкуренција на 5.500 учесници од стотина земји во светот.

Иван Костевски и Марио Ванчоски најмногу време поминуваат во кабинетите по природни науки каде се подготвуваат за стручните олимпијади и разни други интернационални натпревари (Фото: СДК.МК)

И двајцата остварија добри резултати и на Менделеевите олимпијади во Казахстан минатата година и во Кина оваа година, каде добиле посебни признанија за покажаните знаења.

Сега кога учебната година ќе заврши, Иван и Марио под водство на менторката Виолета Георгиева, професорка во Гимназијата во Штип, продолжуваат да се подготвуваат за следниот државен натпревар по хемија, кој ќе се одржи на 10 јуни во Скопје. Потоа, со професорот по хемија Миха Буклески од Скопје ќе се подготвуваат за Интернационалната хемиска олимпијада, која ќе се одржи при крајот на јули во Ријад, Саудиска Арабија. На овај натпревар ќе учествуваат и Петар Мирчевски од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп и Елена Живаљевиќ од училишето „Јахја Кемал“ во Скопје.

Тие не сакаат да зборат како успеваат да ги подмират трошоците за учествата на светските натпревари, но нивните семејства велат дека се снаоѓаат како знаат и умеат, со барања на сите страни.

„Од државата имаме одредена помош, но ние и нашите ментори тешко обезбедуваме финансии за учество на олимпијадите. Кај нас ова не е регулирано од државата и немаме поддршка, што не е случај со другите држави, меѓу кои и оние од нашиот регион, кои целосно ги покриваат овие трошоци“, кажа Костевски.

„Гимназијата ‘Славчо Стојменски‘ се гордее со нив. Даваме целосна поддршка затоа што тие на најдобар можен начин ги претставуваат нашето училиште, градот и Македонија секаде во светот каде што учествуваат. Пред некој ден имавме прием кај градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој покрај редовното стипендирање, ќе воведе и посебна општинска програма за поддршка и финансиска помош на вакви талентирани ученици“, вели директорката Весна Ристова.

Т. ЈОВАНОВСКИ