ШВЕДСКИ ДОКУМЕНТАРЦИ И ЕВРОПСКИ АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ ОД ДЕНЕС ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Од денеска во Кинотеката ќе се одржуваат два настана: Денови на шведски документарен фулм и Фестивалот за европски авторски анимирани филмови Флипбук.
Проекциите за Флипбук ќе бидат надвор на летното кино, а за шведските филмови во киносалата.

На репертоарот од шведските филмови ќе бидат: „Предрасуди и гордост – шведски филмски квир“ од Ева Белинг (вечерва), потоа „Историја – конци за Сами“ на Томас Џексон на 11 август, „Децата на непријателот “ на Горки Гласер-Милер на 12 август, „Хор- една приказна за госпел хорот Тенста“ на Аманда Пешикан на 14 август и „Сабаја“ на Хогир Хирори на 15 август. Проекциите почнуваат од 20 часот.

Фестивалот Флипбук ќе се одржи од 10 до 13 август. Оваа година, фестивалот е во знакот на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов и е под покровителство на претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

Фестивалот ќе биде отворен со премиерата на четири анимирани омнибус филмови инспирирани од творештвото на Шопов, во режија на Иван Ивановски, Крсте Господиновски, Владимир Лукаш и Жарко Иванов. Во другите три вечери ќе бидат прикажани близу 100 филма во четири натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм.

Во главната селекција за најдобар анимиран филм ќе се натпреваруваат 14 наслови, најдобрите европски филмови од минатата година.

Фото: Сцена од „Историја-конци за сами“