„СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“ Е ПЛАТФОРМА КОЈА ЌЕ Ѝ ДАДЕ ШАНСА НА ПРОГРЕСИВНАТА И КРЕАТИВНА МЛАДИНА, ВЕЛАТ ОД „ПИ-ЕМ-ЏИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со два музички настана во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје и официјално ќе биде промовирана платформата „Силата ЕУ младите“ на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“. В петок (26 јануари) ќе настапи бендот „Црно собрание“, во кој членуваат ученици од скопската гимназија „Никола Карев“, а следниот ден ќе има дневна клупска забава, на која музика ќе пуштаат четворица диџеи од „ОВЦ колектив“, кој промовира млади таленти од македонската електронска сцена. Журката ќе трае од 12 до 17 часот.

Како што велат од „ПМГ Рекордингс“, оваа платформа е креирана со мисија да детектира, ангажира и промовира квалитетни автохтони младински движења, бендови, диџеи и поединци од Македонија.

„Концептот на платформата е да препознае прогресивни и креативни млади луѓе кои со своите творештво и делување во јавната сфера промовираат напредни вредности. Соочени со предизвикот дека не постојат соодветна средина за развој и актуелизација на вредностите кои тие ги застапуваат, ‘Силата ЕУ младите‘ ќе им отвори шанса да бидат вреднувани за да можат да напредуваат и ќе ги мотивира да останат во земјава. Платформата ќе биде генератор и иницијатор на дружење и (интер)генерациска, креативна и конструктивна соработка“, велат од „ПМГ Рекордингс“.

Во рамките на платформата ќе има концерти, клупски вечери и диџеј сесии, како и дискусии и поткасти.

Фото: В петок ќе настапи бендот „Црно собрание“, во кој членуваат ученици од гимназијата „Никола Карев“