„Илуминати“ е насловот на новата претстава во Театар Комедија, во режија на Синиша Евтимов, чија премиера е вечерва од 20 часот.
Од театарот велат дека претставата е работена според култниот филм на Алфред Хичкок, „39 скали“ и жанровски претставува уникатен спој на трилер, акција и комедија, со елементи на ноар и филмски јазик.
„Приказната се одвива околу главниот херој Кирил Балкан (Тино Костадиновски), кој заедно со плејадата споредни ликови, вешто интерпретирани од само тројца актери (Наталија Теодосиева, Сергеј Димовски и Атанас Атанасовски), нè води низ својата животна приказна со несекојдневни патешествија“, велат од Театар Комедија и истакнуваат дека во претставата се користат гласни ефекти (пукање).
Сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Ивана Каранфиловска.