СИТЕ БРОЕВИ НА „КИНОПИС“ ОД 1989 ДО ДЕНЕС ДОСТАПНИ НА САЈТОТ НА КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На интернет-страницата на Кинотеката се поставени сите досега издадени броеви на „Кинопис“, списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности.

Кинотеката неодамна соопшти дека е во тек проектот за дигитализација, скенирање и прикачување на сите броеви на „Кинопис“, но и дека процесот е усложнет бидејќи во изминативе 30 години, колку што излегува списанието, технолошките услови за негови подготовка и печатење неколкупати се менуваа.

„Ми требаше еден месец интензивна работа за да ги пронајдам и оживеам сите фајлови од мојата домашна архива. Лесно беше со броевите од последните 3-4 години, но ‘забавно’ беше со постарите, затоа што не беше едноставно да се вратат во функција фајловите од 1998 година“, вели проф. Ладислав Цветковски, кој графички-ликовно го уредува списанието повеќе од две децении.

За жал, вели Цветковски, невозможно е да се реконструираат некои од постарите броеви на „Кинопис“, чии дигитални фајлови се изработени во времето на „технолошкиот преод од фотослогот на НИП Нова Македонија кон Windows и Мac“.