СКОПЈЕ ТАНЦОВИОТ ТЕАТАР ЌЕ НАСТАПИ НА ХОЛАНД ДЕНС ФЕСТИВАЛ ВО ХАГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопје танцовиот театар в петок и сабота ќе настапи на престижниот Холанд денс фестивал во Хаг, Холандија.

Театарот ќе настапи со претставата „Кожа“, која е составена од три кратки кореографии: „Котел“ на Рисима Рисимкин и музика на Тони Китановски, „Погрешно“ на Адријана Данчевска и музика од групата „Верка“ и „Истиот извор“ на Матеа Киселичка и музика на Тони Китановски и Бајрон Меткалф. Костимите за претставата се на Благој Мицевски.

Претставата ќе се игра во театарот „Корзо“, една од најголемите продукциски куќи во Холандија.

Во претставата играат: Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова, Сара Цветковска, Бобан Русески и Тереза Лазарев.

„Овој фестивал се одржува повеќе од триесет години и важи за фестивал кој ги презентира најдобрите европски и светски танцови компании. Во својата програма спојува извонредни танцови компании и исклучителни кореографски имиња, како Матс Ек, Јиржи Килијан, Ана Лагуна, легендарната компанија на Марта Греам од Њујорк и Мурад Мерзуки“, вели Рисима Рисимкин, уметничка директорка на СТТ, единствената современа танцова компанија во Македонија, која во април ќе прослави седум години постоење.