СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР ИЗДАДЕ МОНОГРАФИЈА ЗА РИСТО СТЕФАНОВСКИ И ЈА ИМЕНУВАШЕ ГОЛЕМАТА САЛА ВО НЕГОВА ЧЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На Светскиот ден на театарот, кој се одбележува на 27 март, во Драмски театар во Скопје од 18 часот ќе има промоција на монографијата „Ристо Стефановски“. Легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар, кој 26 години беше директор на Драмски театар од основањето, почина во 2022.

Од Драмски велат дека во чест на неговата посветеност во развојот на театарот, големата сала во Драмски театар ќе го носи името „Ристо Стефановски“.

Монографијата вечерва ќе ја промовира Искра Гешовска, теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ ќе прочитаат делови од книгата.

Одбележувајќи го Светскиот ден на театарот, слободен влез ќе имаат претставите „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ на 27 март и „Пикник на фронтот“ во режија на Андреј Цветановски на 4 април, со претходна најава на билетарницата на Драмски театар.