СО РАДОСТ ЌЕ ЈА ПЕЕМЕ „ЕЛКО ЕЛКО“ И СИТЕ НАЈЗАРАЗНИ БОЖИЌНИ ПЕСНИ СО ОРКЕСТАР, ВЕЛИ САРА МЕЈС ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 18 декември во Филхармонијата ќе се одржи концертот „Џингл белс симфонија“, на кој пет македонски пејачки, во придружба на Камерниот оркестар од Битола ќе пеат светски и домашни новогодишни и божиќни песни,

Иницијативата празничните песни да се пеат во оркестарски аранжмани е на поп-пејачката и харфистка во Националната опера и балет Сара Мејс, која минатата година сними албум насловен „Сара Мејс и божиќните девојки“. Освен неа, ќе пеат и Калина Велковска, Ана Петановска, Теа Богатинова и Полина Тасева.

Сара Мејс вели оти идејата ѝ ја предложил сопругот Димитар, додека дома го слушале Мајкл Бубле.

„Така тргна, почнаа да ми се склопуваат коцките во глава, дека со колешките би можеле да направиме акапела квинтет, да препееме дел од најпопуларните светски божиќни и дел од македонските новогодишни песни, да биде нешто поразлично. Преработивме 8 песни, го снимивме албумот, имавме убави реакции, убави концерти и настапи. Годинава сме во проширен состав, се споивме со Камерниот оркестар на Битола, а нивниот диригент Владимир Димовски напиша аранжмани за оркестар и женски вокали, па со нетрпение се подготвуваме да ви ги свириме и пееме премиерно на 18 декември“, ни изјави пејачката.

Сара Мејс настапи на концертот „99 мегаѕвезди“ во четвртокот, а ден пред концертот, таа ја промовираше песната „Очи вселена“ која му ја посвети на синот Кирил (Фото: К. Попов)

Поголемиот дел од вокалните аранжмани за квинтетот ги направила Теа Богатинова, која е наставник по пеење и композитор. Сара Мејс вели дека лесно ѝ оди соработката со сите колешки. Богатинова ѝ е најблиска другарка од средното музичко училиште, со Калина Велковска и Полина Тасева исто така приватно се дружи и соработува подолго, а за Ана Петановска вели дека пред неколку години слушнала за неа и ја нарекува „вонземјанин“ со гласовните можности.

„Ќе ги пееме сите најзаразни божиќни песни со оркестарски аранжмани, а меѓу нив е секако и ‘Елко елко’ , додава пејачката и вели дека пред настапот чувствува возбуда, среќа и одговорност.

Сара Мејс во четвртокот во Скопје настапи на концертот „99 мегаѕвезди“ во салата Јане Сандански. Ден пред концертот, таа ја промовираше песната „Очи вселена“ која му ја посвети на синот Кирил.

„Песната е многу е посебна за мене, верувам дека таква и ќе остане засекогаш во моето срце“, изјави пејачката која е автор на музиката и текстот, а аранжманот го направи Иван Петровски. Претходно, таа на ќерката Илина ѝ ја посвети песната  “Бакар боја”.

М. ЏАРОВСКА