СПАСЕ ПЕРОВСКИ ВО ВЕЛЕС ГО ПРЕТСТАВУВА УМЕТНИЧКОТО ДЕЛО ПОВРЗАНО СО ИЗБОРЕН ЦИКЛУС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Уметникот Спасе Перовски денеска во Младинскиот парк во Велес во 19 часот ќе го изложи уметничкиот проект „Зошто“. Настанот ќе трае до 19:45 часот.

Иницијалната идеја за тримесечен партиципативен перформанс со елементи на социјално-политичко структурирање Перовски ја започнува на 28 март 2016, кога лидерите на политичките партии се договорија дека во тековната година ќе има парламентарни избори.

„Ова не е политички проект, туку ликовно дело, кое има директна врска со еден изборен циклус“, вели тој.

Делото го реализираше три месеци пред изборите во 2016 и го заврши два дена пред да се одржат. Секој ден во 18 часот, во Младинскиот парк на бела хартија со А4 формат поставуваше прашање за две проблематики: култура и влијанието на општествено-политичката состојба врз неа низ погледот на уметникот и тогашната политичка сосотојба со целото влијание врз неговите уметност, егзистенција, интегритет и семејство.

Во рамките на изложбата која ќе се одржи два дена пред парламентарните избори ќе бидат изложени дневни весници „Слободен печат“ (септември-декември 2016 година), 91 прашање (септември-декември 2016) и 91 примерок од книгата „Зошто“ (сублимат од перформансот, отпечатена во 2020) како линија во отворен простор долга 27,3 метри.

П. ПЕЧКОВ