Добитник на почесното Рациново признание за 2022 година е српскиот лингвист и универзитетски професор Жарко Бошњаковиќ од Нови Сад. Ова признание се доделува за афирмација и промоција на македонските јазик, книжевност и култура во странство.
„Рацинови средби“ по 59. пат ќе се одржи во Велес на 14 и 15 јуни.
„Проф. д-р Жарко Бошњаковиќ го проучува македонскиот јазик кај македонското малцинство во Србија. Изработил прирачници за реализација на настава на македонски јазик во образовни институции во Србија“, кажа членот на организацискиот одбор на „Рацинови средби“, Владимир Илевски.
Добитникот на престижното Рациново признание ќе биде познат на отворањето на манифестацијата на 14 јуни. Во конкуренција за награди биле 22 дела. Содржините ќе се одржуваат во Велешки театар и на повеќе локации на отворено.
П. ПЕЧКОВ