СТАРИ КИТОВИ ОД ЗАБАВНИ ПАРКОВИ ЌЕ ДОБИЈАТ НОВ ДОМ ВО ЗАЛИВ ВО КАНАДА

Отава, (Гардијан)

Група китови од морски забавни паркови ќе биде преселена во залив во Канада, каде што е пронајдено идеално засолниште за нивна возраст.

Се проценува дека 300 белуги и 60 орки живеат во заробеништво во аквариуми низ светот, каде што се осудени да останат и кога веќе не се способни да ги забавуваат посетителите.

Американската организација „Whale Sanctuary Project“ објави дека една група возрасни китови ќе биде преселена во мирни води во близина на мал град во источна Канада, каде што исто така ќе имаат изобилство на храна. Станува збор за пробен проект за прво засолниште на китови кои го поминале животниот век во забавни паркови.

„Квалитетот на нивниот живот може да биде далеку подобар отколку во забавните паркови. Но, тие немаат преживувачки вештини за само да бидат фрлени во океан. Ова засолниште е поблиску до нивното природно живеалиште од она во кое што живеат сега“, вели д-р Лори Марино, основачка на организацијата.

Таа бараше залив од 40 хектари, заштитен од бури и многу студени температури и на крајот беше избран Поуст Хилфорд, крајбрежна заедница 200 километри северно од Халифакс. Ако се обезбедат потребните средства од 15 милиони долари, првите осум белуги би можеле да запливаат во заливот во 2021 година.