Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши првата проекција на „Врба“ на реномираниот фестивал ФЕСТ во Белград, на која присуствуваа и режисерот Милчо Манчевски и главните актери Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Камка Тоциноски. „Врба“ е во главната конкуренција за награди на ФЕСТ, а следните две проекции се денеска и утре.

Од мај, „Врба“ ќе игра на редовниот кинорепертоар во Србија.

Интересот за филмот на ФЕСТ е огромен, над илјада луѓе беа на првата проекција, па за првпат по многу години, киното мораше да ги отвори и балконите. Публиката одлично го прими филмот, а голем е и медиумскиот интерес.

„Пуштам да ме води приказната, јас сум само средство за приказната сама да се раскаже. Се трудам приказната да ја слушам како музика, следам дали секоја нота е на место. Тоа важи за приказната, кастингот, снимањето и сѐ друго. На почетокот никогаш немам порака или тема, туку приказна и чувства. Ако е убава соработката, се склопува и убаво уметничко дело. А, потоа чекам публиката да ми каже која е пораката“, рече Манчевски на прес-конференцијата заедно со актерската екипа.

„Врба“, кој е најгледаниот филм во Македонија, од ФЕСТ патува на 40. издание на Фантаспорто во Порто, каде ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“. Овој месец ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на фестивалот Синеквест во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија (3-15 март), по што следуваат фестивалите во Софија и Истанбул.

Минатиот месец, „Врба“ имаше премиера во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на Камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.