СТЕНДАПОТ ВО МНТ Е МОЕ ВИДУВАЊЕ НА НЕШТАТА ШТО НИ СЕ СЛУЧУВААТ, А НЕ СМЕ НИ СВЕСНИ ЗА НИВ, ВЕЛИ АКТЕРОТ САШКО КОЦЕВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актерот Сашко Коцев ќе има стендап настап насловен „Широк дијапазон“ на 9 ноември од 20 часот во Македонскиот народен театар во Скопје. Коцев најавува изведба на стендапот и на 21 ноември и уште две репризи во декември.

Актерот вели дека досега имал стендап настапи само во клубови и му била желба овој да го игра на театарска сцена, па проектот му го понудил на својот матичен театар.

„Не сум правел стендап од 2017 година и овојпат сакав да го играм во театар, да изгледа поразлично од претходните кои се одржуваа главно во клубови. Гледам дека има интерес и тоа ме радува“, вели Коцев.

За овој проект соработувал со неговиот колега, актерот Александар Михајловски, кој го изработил видеото кое ќе се прикаже за време на настапот, материјал кој е собиран изминативе години. Сценограф е Тања Христовска-Блажевска.

„Стендапот е мое видување на нашите општествени аномалии. Зборувам за сето она што му се случува на еден човек преку цел ден и сака да се избори со некои нешта, а понекогаш не е ни свесен дека му се случуваат“, изјави Коцев.

Сашко Коцев на снимањето на серијата „Радио Милева“ со Никола Којо во Белград. (Фото: Инстаграм)

Актерот минатата недела беше гостин на Стендап фест во Белград. Вели дека досега имал дваесетина слични гостувања во Србија и осум самостојни, целовечерни стендап настапи.

Во Белград, Коцев ја снимаше серијата „Радио Милева“, чија петта сезона наскоро ќе почне со емитување на првиот канал на Радио-телевизија Србија.

„Не бев на кастинг за оваа серија. Добив покана директно од продуцентите, слушнале за мене и ме побараа. Играм Бугарин кој е во матни бизниси и е пријател со Дача, ликот кој го глуми Никола Којо“, рече Коцев.

Режисери на серијата се Дејан Зечевиќ и Елмир Јукиќ.

М. ЏАРОВСКА

Фото: МКЦ