СТОТИЦИ ДЕЦА ЌЕ ТРЧААТ НА „МИНИ ТРЧАЈ БЕ“ НА БИТОЛСКОТО ШЕТАЛИШТЕ НА 9 ЈУНИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битола се подготвува за втората детска трка „Мини трчај бе“, која ќе се одржи на 9 јуни од 11 часот на шеталиштето. Годинава, тројно е зголемен интересот за учество, a трката го носи слоганот „Мали чекори за големи соништа“.

Организаторот, познат по градската трка „Трчај бе“, која секој септември се случува во Битола, со иницијативата за детска трка сака да ги поттикне најмалите да ја прифатат физичката активност, да си поставуваат лични цели и да сонуваат за големи успеси.

„Битола има богата историја во атлетиката со АК Олимп, кој замре и се подзаборави, па ние го возобновивме со раѓањето на големата трка пред шест години, враќајќи го атлетскиот дух на градот. Денес, новите спортски надежи на битолската атлетика нижат успеси, не се враќаат од натпревар без освоен пиедестал. Оттука и идејата за детско издание на ‘Трчај бе‘, што не е само трка, тоа и прослава на иднината на нашите спортски таленти“, изјави Никола Димитровски, организаторот на „Трчај бе“.

Организаторите и Атлетската федерација на Македонија донираа атлетска опрема за 12 основни училишта во Битола и три во Могила, како и 50 стартни пакети за децата од социјално загрозени семејства, овозможувајќи повеќе деца да имаат можност да учествуваат на трката.

Ж. ЗДРАВКОВСКА