Студентката Ана Марија Наумовска од Битола беше амбасадорка на Шведска на еден ден. Како дел од иницијативата организирана од Шведската амбасада во земјава наречена GirlsTakeOver (#ДевојкитеПреземаат), 19-годишната Наумовска имаше можност да се запознае со работата на амбасадата и да се сретне со заменик-амбасадорот на ЕУ Џулијан Васало и со претседателот Стево Пендаровски.
Наумовска го започнала денот со средба со персоналот на амбасадата, каде се запознала одблиску со работата на секој од секторите, по што имала и интерен состанок со тимот за комуникација и промоција, на кој од прва рака се запознала со работата на амбасадата на полето на јавната дипломатија.
„Нејзиниот прв надворешен состанок беше куртоазната средба со заменик-амбасадорот на ЕУ, г-дин Васало, од кого се запозна за работата на Европската делегација и разговараше за иницијативите за младинско ангажирање, кои се спровеуваат со поддршка од Европската делегација во земјата. Наумовска истакна дека младите сакаат да бидат ангажирани и да придонесуваат во развојот на општеството, но потребен им е поголем простор за дејствување за да може нивниот глас да допре до клучните чинители задолжени за донесување одлуки во државата. Таа истакна дека отвореноста на Европските куќи низ целата земја е добар чекор напред кон обезбедување повеќе простор за младите да се изразат, да ги градат своите капацитети, разменуваат идеи и да се вмрежуваат“, велат од Шведската амбасада.
Новата шведска амбасадорка на еден ден имаше работен ручек со неколку партнерски организации на Шведската развојна соработка: „ВиЕфект“, „Квина тил квина“, „Националниот демократски институт – НДИ“ и „Еко Свест“, кои ја информираа за програмите што ги спроведуваат.
Наумовска во Вила Водно се сретна и со претседателот Пендаровски. Тие разговараа за потребата од повеќе младински и културни активности, за потребата од подобро образование, деполитизација и департизација на пазарот на трудот, како и за поголема борба против корупцијата, кои, според неа, се главните грижи и причини за заминување на младите од земјата.
Нејзиниот ден како амбасадорка заврши со размена на впечатоци и пишување извештај за постигнатото.
#GirlsTakeOver (#ДевојкитеПреземаат) е иницијатива на шведската влада и шведската организација „План интернешнал“.
А. АНТЕВСКА