СВЕТОТ Е ПРЕД ДЕЦЕНИЈА НА ТРАНЗИЦИЈА – НАУЧНИЦИТЕ ИЗЛЕГОА СО РЕШЕНИЈА КАКО ДА СЕ ПРЕПОЛОВИ ЕМИСИЈАТА НА ШТЕТНИ ГАСОВИ ДО 2030

Лондон, (Гардијан)

Научниците дојдоа до заклучоци како да се преполови емисијата на штетни гасови во наредната деценија, за што е неопходна поширока примена на мал број сегашни технологии и трендови на однесување, додавајќи дека силни граѓански движења треба да бидат предводници на промените.

Соларната и ветерната енергија, која сега е поевтина од фосилните горива во некои региони, мора забрзано да се прошири и само тоа за половина би го намалило загадувањето што доаѓа од производството на електрична енергија до 2030 година, се вели во извештајот на меѓународната група експерти Exponential Roadmap.

Ако се одржи зголемувањето на бројот на електрични автомобили во некои делови од светот, тие би можеле да учествуваат со 90% во вкупниот сообраќај до 2030 година. Други мерки вклучуваат запирање на сечењето шуми и подобро управување со земјиште, што би можело да ја намали емисијата рамна на девет милијарди тони јаглероден диоксид годишно.

Клуч кон оваа транзиција треба да бидат сѐ посилните социјални движења кои притискаат за итни акции против климатската криза.

Научниците идентификуваа 36 видови развој кои можат да помогнат да се постигне потребното намалување на емисијата на штетни гасови, од промени во производството на храна, преку нов дизајн на градови до меѓународниот транспорт. Сето ова, велат тие, може да се постигне до 2030 година.

„Следната деценија има потенцијал за најголема економска транзиција во историјата. Ова е веќе трка со времето, но бизниси, па дури и цели индустрии направија голем број значајни транзиции за помалку од една деценија“, вели Јоаким Рокстрем, директорот на Институтот за климатски влијанија во Потсдам.

Земји како Велика Британија, Франција, Шведска и Норвешка веќе усвоија мерки за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година.