„ТЕСЛА“ ЈА НАДМИНА ПАЗАРНАТА ВРЕДНОСТ ОД ЕДЕН ТРИЛИОН ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Тесла“ вчера ја надмина пазарната вредност од еден трилион долари (милион милијарди), станувајќи петта компанија која го постигнала тоа. Вредноста на нејзините акции порасна за 12,6% откако постигна договор за продажба на 100.000 возила на компанијата за изнајмување автомобили „Херц“.

Компанијата на Илон Маск веќе некое време е највредниот автомобилски бренд на светот, иако фирми како „Форд“, „Тојота“ и „Џенерал моторс“ продаваат многу повеќе возила. Претходно, само уште „Епл“, „Мајкрософт“, „Амазон“ и „Алфабет“, во чија сопственост е „Гугл“, достигнаа пазарна вредност од трилион долари.

Иако долго време се мачеше и многумина шпекулираа дека ќе пропадне, „Тесла“ лани ја имаше првата профитабилна година во своето постоење, што нагло ја зголеми вредноста на нејзините акции.

Во последната успешна бизнис зделка, „Херц“ ќе плати 4,2 милијарди долари за 100.000 возила „модел 3“ во наредните 14 месеци.