ТЕТОВСКАТА ПОЛИЦИЈА ГИ ОБУЧУВАШЕ ДЕЦАТА ОД ОУ „ЛИРИЈА“ КАКО БЕЗБЕДНО ДА ПОМИНУВААТ УЛИЦА

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците од нижите одделенија од основното училиште „Лирија“ во Тетово, во соработка со СВР Тетово, имаа практична настава по безбедност во сообраќајот. Целта беше да им се помогне на учениците од прво до трето одделение полесно да се снаоѓаат во сообраќајот и да се чувствуваат побезбедно кога доаѓаат или заминуваат од училиштето.

ОУ „Лирија“ се наоѓа во центарот на градот и во негова близина има неколку прометни сообраќајници.

„Најмладите основци од ова училиште поблиску беа запознати со основните поими од сообраќајот и со сообраќајните знаци и прописи. Тие ги преминаа улиците ЈНА, Илинденска и Маршал Тито заедно со полициските службеници од Отсекот за превенција и од тетовската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај“, информираше Марјан Јосифоски, портпаролот на СВР Тетово.

Ваквата соработка со полицијата е реализирана на барање на ОУ „Лирија“.

З. АНДОНОВ