„Ти си мобилна архитектура“ е насловена изложбата на Ирена Пејовиќ, која ќе се отвори вечерва во 20.30 часот во Музејот на современа уметност (МСУ).

Станува збор за мултисензорен настан, кој кореографира движења преку комбинирање облека, модуларни форми и предлози, како што се фотографскиот објект и звукот како место, материјалноста како настан, техниките на организација во природата и организацијата на луѓето.

„Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја и големина и е подвижна и неподвижна. Делата, просторот и гледачот земаат рамноправен дел во изработката на настаните“, најавува МСУ за проектот кој е тековно истражување.

Пејовиќ (37 години) е родена во Гевгелија, а живее и работи во САД. Дипломирала и магистрирала ликовна уметност на државниот универзитет „Монтклер“. Самостојни изложби имала во Њу Џерси, Загреб, Неварк и во Македонскиот културен центар во Њујорк.