ЦЕЛ ДЕН СПОРТ, ЗАБАВА, ДЕБАТИ И ФИЛМОВИ ВО ГРАДСКИ ПАРК

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Мрдни со прст- пикник за сите“ е насловен целодневниот настан кој ќе се одржува денес од 11 часот до 1 часот по полноќ во Градскиот парк во Скопје.

Настанот го организира граѓанската платформа „Мрдни со прст“ со цел да се креира простор за граѓаните каде ќе можат заедно да спортуваат, да се забавуваат, но и да поразговараат за граѓанскиот активизам, да добијат можност да се приклучат на идни граѓански акции.

Од 11 до 14 часот, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ќе организира серија активности за најмладите. Во исто време е најавен и спортско- забавен настан под мотото „Размрдај се“ што подразбира вежбање фитнес и јога со професионални инструктори под отворено небо.

Од 17.30 часот, па се до 19 часот ќе се одржи трибина под наслов „Нахрани го умот“ каде говорници ќе бидат повеќе граѓански активисти, кои ќе зборуваат за својата работа поврзана со борбата за чист воздух, здрава животна средина, учество во хуманитарни акции и борбата за подостоинствен живот на работниците.

Од 19,30 часот до 20,30 часот ќе бидат прикажани три кратки филмови од млади домашни автори, кои веќе беа претставени на фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“: „Поинакви“, „Адолесцензура“ и „Поглед во очите“.

Музичкиот дел почнува во 20, 30 часот, Гоце САФ, Тони Зен, диџеј БугиМен и диџеј ГејмОвер.