На 1 ноември во Националната опера и балет (20 часот), оркестарот на Уметничкиот центар „Полифонија“ ќе одржи концерт по повод својот 20-годишен јубилеј. Концертот е насловен „Барокна вечер, флешбек на музички фрагменти од реализирани настани“, а ќе се свират дела од Бах, Лули, Моцарт и Томислав Зографски.
Како гости солисти ќе настапат италијанскиот пијанист Рафале ди Анџело, баритонот Горан Начевски и солистите од „Полифонија“, Сања Шуплевска на виолина, Јанинка Невчева на пијано, Орце Ицковски на фагот и Михајло Михајловски на виолина. Диригент е Милена Ињац од Ниш.

Последниве три години, оркестарот на „Полифонија“ одржа турнеја во Италија, беше копродуцент на мјузиклот ,,Оперскиот фантом‘‘ на фестивалот Нишвил во Ниш, одржа концерти со камерна музика и македонски шлагери и издаде два албума. Членовите на „Полифонија“ направија и две едукативни видеодрами за деца во соработка со детско драмско студио, „Приказната за Моцарт“ и „Приказната за Бетовен“.