Уметницата Нада Ѕмбова Донева во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се претстави со изложбата „Урбани пејсажи“.
Уметницата, која е професорка по биологија во ОУ „Свети Кирил и Методиј“, изложи дваесетина дела изработени во акрил на платно, со мотиви од урбана средина, чии колорит и форма се инспирирани од погледите од различни локации и височини во Кочани и Скопје.
Според Јулијана Иванова, рецензентка на изложбата, фасцинацијата од урбаниот простор ја носи авторката кон експериментирање со апстрактен јазик на гестикулации и слоевити линии, а крајниот резултат е една нова естетика.
„Уметноста и творештвото, науката и биологијата се нераскинливо сврзани. Тоа дека уметноста ги соединува човекот и природата е познат факт. Уметноста, исто така, ги прави луѓето свесни за нивната унија еден со друг во потеклото и судбината. Животот е уметност, уметноста е живот“, вели Ѕмбова Донева за врската помеѓу нејзината професија и сликањето.