УМЕТНОСТА ВЕЌЕ НЕ Е АПСТРАКТЕН ЗБОР ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ ШТО ДОШЛО НА ЛИТЕРА, ВЕЛИ СОФИЈА СЕМЕНПЕЕВА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Петтото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца Литера синоќа беше отворено во Музејот на Град Скопје. Љубители на пишаниот збор, на сликовниците, на илустрациите дојдоа да ги видат изложбите на гостите на фестивалот Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ-Врачар и Бранка Холингсворт Нара, како и на македонските илустратори кои се дел од изложбата „Свет со љубов“.

„Светот им припаѓа на децата. Литера е волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што се ќе се соочиме. Идејата сама по себе не е доволна, Литера по пет години постоење, полека, но сигурно да станува вистински културен бренд на градот и државата. Вложивме огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум. Публиката за клутура се создава од мали нозе. Здраво општество и културни вредности се градат со работа уште на најмала возраст. Секое дете кое дошло на Литера е дете за кое зборот уметност повеќе не е апстрактен збор. Многу макотрпно и посветено го одиме патот на Литера зашто е важно каков свет им оставаме на нашите деца. Важно е да им градиме „Свет со љубов“, какво што е мотото на фестивалот годинава“ рече Софија Семенпеева, основач на Фестивалот.

Од синоќешното отворање во Музејот на Град Скопје

 

Во програмата за денес, се најавува дека за тајните на своите техники на работа и пристапот во детската илустрација, во 12 часот предавање ќе одржи Доминик Вуковиќ.

Бранка Холингсворт Нара ќе одржи мастерклас во 17 часот. Таа веќе неколку години има свој блог и објавува прирачници со кои им помага на помладите илустратори да навлезат во тајните на илустрацијата за деца.

Претходно во 11 часот креативна работилница ќе одржи Доротеј Нешоски. Во 13 часот следува претставата „Авантурите на Стела и Сани“, додека во 18 часот ќе следува промоција на сликовниците за деца „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски и Кристијан Јованоски, како и „Љубовта спасува животи“ на Свјетлан Јунаковиќ. Во 20 часот заедно со Ана Голејшка Џикова ќе биде организирана Офф програма – „Приказни создадени по заспивање на децата“.