ВЛАДАТА СЕ ОТКАЖУВА ОД ПЛАСТИКАТА ЗА ЕДНОКРАТНА УПОТРЕБА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владата се придружува кон светските трендови и во иднина веќе нема да ја користи пластиката за еднократна употреба. Оваа мерка ќе се однесува и на сите министерства.

На својата вчерашна седница, Владата усвои информација за престанок на набавка и употреба на пластична амбалажа во сите органи на државната управа. Ова ќе опфати пластични шишиња за вода и други пијалаци, сламки, чаши, прибор за јадење, лажички за кафе…, а најавено е дека следен чекор ќе биде општата забрана на пластични ќеси за еднократна употреба.

Министерот за животна средина Насер Нуредини ја најави оваа мерка минатиот месец, сметајќи дека со тоа не само што власта ќе придонесе за намалување на загадувањето со пластика, туку и ќе даде позитивен пример за приватните компании и граѓаните.

Загадувањето со пластика е еден од најголемите проблеми на модерниот свет и експертите проценуваат дека секоја година девет милиони тони пластичен отпад завршуваат во океаните. И Европската Унија планира до 2021 година да забрани голем дел пластични предмети за еднократна употреба.