ПРОМОЦИЈА НА РОМАНОТ НА СОЊА МАНЏУК, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПЕГАЗ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Музејот на Град Скопје свечено ќе ѝ се додели наградата „ПЕГАЗ“ на писателката Соња Манџук за нејзиниот роман „Насон прочитана книга“. Книгата ќе ја промовира Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, што 18 години ја доделуваше „Утрински весник“, а потоа Фондацијата „Славко Јаневски“. На конкурсот распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и „Славко Јаневски“ пристигнаа 77 ракописи.

„Напишана во манир на постмодернистичките книжевни практики, ‘Насон прочитана книга’ претставува онирична авантура чие поаѓалиште е една библиотека. Структурно, романот е конципиран како книга во книга“, стои во одлуката на жирито во состав Димитар Башевски, Бисера Бендевска и Иван Шопов.