ВО АВСТРАЛИЈА РОДЕНИ ПРВИ ТАСМАНИСКИ ЃАВОЛИ ПО ПОВЕЌЕ ОД 3.000 ГОДИНИ

Сиднеј, (Ројтерс)

Во дивината на австралиското копно се родени први тасманиски ѓаволи по повеќе од 3.000 години и седумте новороденчиња ги зголемуваат надежите дека програмата за размножување може да биде успешна.

Најголемиот преживеан месојаден торбар на светот исчезнал од австралиското копно откако масовно бил ловен од динга, тип на диви кучиња и во меѓувреме опстанал само на островот Тасманија. Нивниот број дополнително се намалил од 1990-ите поради болест и се верува дека во дивината ги има уште 25.000.

„Направивме сè што можеме, но доколку ѓаволите не се размножуваат, тогаш е готово“, изјави Тим Фокнер, претседателот на конзерваторската група „Оси арк“.

Таа пушти 26 возрасни ѓаволи во дивина минатата година, што сега резултираше со седум новороденчиња.