Египетските археолози објавија дека пронашле еден од четирите изгубени сончеви храмови, што е прво такво откритие во последните 50 години.
Овие храмови биле изградени пред 4.500 години од египетските фараони додека сè уште биле живи, во обид да се претворат во божества. Се верува дека ги имало само шест, од кои само два претходно беа пронајдени.
Остатоците од третиот храм се наоѓаат на локалитетот Абу Гораб јужно од Каиро и тој бил изграден од фараонот Ниусере Ини, кој владеел триесетина години во 25. век пред нашата ера за време на она што денес е познато како Петта династија.
И додека огромните пирамиди се граделе за да се обезбеди божествениот статус на фараоните во задгробниот живот, сончевите храмови биле помали и поевтини структури. Тие биле посветени на моќниот бог на сонцето Ра.
„Секој фараон сакал да има пирамида за да постигне воскреснување, но тоа не било доволно за кралевите од Петтата династија. Тие сакале нешто повеќе, да станат богови додека се живи“, изјави италијанскиот археолог Масимилијано Нуцото, кој ја посветил кариерата на откривањето на овие храмови.