Утре во Градски парк по петти пат ќе се одржи трката за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон. Хуманитарната штафетна трка „Подај рака“ ќе почне кај Школка во 10 часот и ќе се трча четири пати по еден километар. Настанот го организира здружението на граѓани „Вилсон Македонија“, со финансиска помош од компанијата ОКТА и Град Скопје.

„Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка на сите лица кај кои, најчесто како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со болеста“, велат од „Вилсон Македонија“.

Раната детекција на болеста, според членовите на здружението, е суштинска во третирањето на оваа болест и во обезбедување нормален живот за пациентите.

На хуманитарниот настан ќе настапи групата „Нокаут“, а ќе има и детска трка.

„Многу е важно најмладите да се запознаат и да даваат поддршка на лица кои се соочуваат со ретки болести и со тоа да ја развиваат својата хуманост. Во трката ќе учествуваат и лица заболени од Вилсон и од други ретки болести“, велат од „Вилсон Македонија“.

Котизацијата за учество во трката е симболична и изнесува 200 денари.

„Оние кои не се во можност да трчаат, а сакаат да дадат поддршка, можат да изберат маица и активна поддршка по цена од 200 денари“, додаваат од Вилсон Македонија.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот, што доведува до таложење на бакар во црниот дроб, мозокот и очите, процес кој се одвива постепено, со години, пред појавата на првите симптоми.