ВО ЊУЈОРК ОТКРИЕНИ ФОСИЛИ НА НАЈСТАРАТА ШУМА НА СВЕТОТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Најстарите фосили на дрвја на светот, што датираат од пред 386 милиони години, се пронајдени во напуштен каменолом во сојузната држава Њујорк. Научниците веруваат дека шумата на која припаѓале била толку голема што оригинално се протегала и подалеку од Пенсилванија.

Се верува дека откритието од Каиро (Њујорк) е за три милиони години постаро од она што досега се сметаше за најстара шума на светот, што се наоѓа во Гилбоа, исто така во државата Њујорк. Ова фрла нова светлина врз еволуцијата на дрвјата.

Староста на фосилите е проценета на 386 милиони години (Фото: ПА)

Експерти од САД и Велика Британија пред десет години почнале да го истражуваат локалитетот и во меѓувреме направиле мапа на шума од 3.000 квадратни метри. Тие заклучиле дека шумата била дом на најмалку два типа дрвја.

„Ова е најстарото место на светот каде што можете да талкате низ шума која потекнува од средина на Девонската ера. Ова е многу древна шума, од почетоците на времето кога планетата станувала зелена, а шумите нормален дел од системот на Земјата“, вели палеобиологот Крис Бери од Универзитетот во Кардиф, еден од авторите на студијата.

Се верува дека шумата била уништена од поплава, откако истражувачите пронашле фосили од риби на површината на каменоломот.