За новата песна “Молитва“, кантавторот Дарио Панковски вели дека е навраќање на неговиот препознатлив латино стил после подолг период.
„Според првичните реакции на публиката, тоа се покажа како оправдана и вистинска одлука. Идејата беше да го донесам повторно овој звук во македонската музика, кој, патем речено, не сум го слушнал на нашата сцена во изминатиов период, но уште повеќе поради тоа што латино музиката е музика на љубовта, романтиката и сензуалноста. Токму ова ни е потребно сега повеќе од кога било, во ова ‘студено‘ време на материјализам, бескрупулозност и вештачка интелегенција“, ни изјави поп пејачот.
Тој е автор на музиката и на текстот, а аранжманот е на Кристијан Габровски. Панковски ни кажа оти песната ја напишал според вистинска љубовна приказна.
„Во таа функција е и самиот текст, кој е приказна за една искрена, безусловна и безвременска љубов, што, патем речено, е неверојатна вистинска приказна од овие простори, каде што човек минува половина живот чекајќи ја својата дамнешна љубов во ера без мобилни телефони, компјутери, камери и интернет и ја дочекува. Со еден збор, фасцинантно“, изјави кантавторот.
Дарио вели дека оваа приказна по некои чудни патишта стигнала до него и тоа било повеќе од доволно за инспирација и како што вели, раѓање на текст во еден здив.
„Текстот е со јасна порака дека љубовта е сепак единственото нешто што преостанува да го спаси светот. Видеоспотот се обидува да ја долови, колку што може, истата оваа животна приказна во само три и пол минути“, вели Панковски.
Главните ликови во видеото ги играат професорката Тања Алексиќ и Марјан Бранко, а ликовите од детството се Матеа Јовановска и Никола Кузманоски. Спотот го режираше Дарио Јанковиќ од „Генерал филм студио“.
М. ЏАРОВСКА