ВО СЕЛО Е НАЈТЕШКО ДА СИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКА, ВЕЛИ ЖАКЛИНА ЈОВАНОВСКА, ПРВАТА ЖЕНА НА ЧЕЛО НА СТАРО НАГОРИЧAНЕ

Куманово, (СМАРТ.СДК.МК)

Жаклина Јовановска (46) од село Драгоманце е новата градоначалничка на Општина Старо Нагоричане. Таа е една од 6-те жени што освоија градоначалничка функција на последните локални избори. Јовановска по професија е економист, вработена во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во Куманово, мајка на син и ќерка студенти.

„Моите родители се по потекло од Старо Нагоричане, а во 1970-те години се отселиле во Скопје. Таму завршив основно и средно образование и доаѓајќи кај мојата баба се запознав со сопругот и се омажив. И покрај тоа што беше голем шок за моето семејство, јас немав проблем да живеам на село“, вели Јовановска.

Иако 20-годишна и градско дете, таа успејала да се вклопи во новата средина и да помогне во развој на селското домаќинство. Таа била задолжена за организацискиот дел, па се надева дека тоа ќе ѝ помогне и на новата функција.

„Многу добро ја знам маката на земјоделецот и на луѓето кои живеат на село, и затоа макотрпно ќе работам да се подобрат условите за живот во Старо Нагоричане“, вели Јовановска; – со лидерто на СДСМ Зоран Заев (Фото: лична архива на Јовановска)

„Семејството на мојот сопруг се занимаваше со обработка на големи површини на државно земјиште и производство на раноградинарски култури, а имавме и фарма за крави. Јас повеќе бев ангажирана во организацискиот дел на работата, околу куќата и децата, но одев на нива кога тоа беше неопходно. Многу добро ја знам маката на земјоделецот и на луѓето кои живеат на село, и затоа макотрпно ќе работам да се подобрат условите за живот во Старо Нагоричане“, вели Јовановска.

Јовановска руши многу политички предрасуди и стереотипи во нејзината општина. Таа е првата жена која почнала активно да се занимава со политика, во 2005. Два мандата била советник во Советот на Општина Старо Нагоричене. Во 2008 била избрана за претседател на општинската организација на СДСМ во Старо Нагоричане, трипати кандидат за пратеник од Втората изборна единица, четири изборни циклуси шеф на општински изборен штаб, два мандати член на Централниот одбор на СДСМ. Вели дека круна на политичката кариера ѝ е градоначалничката функција. Ако не беше избрана за градоначалничка ќе влезеше во Собранието како пратеник од листата на СДСМ. Таа е и единствената градоначалничка во Македонија која на локалните избори имаше противкандидатка во изборната трка, Елена Јаќимовиќ од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како долгогодишен член на СДСМ и по сите активности што ги имав во партијата, не беше многу тешко да се добие довербата на највисокото партиско раководство. Иако во мојата општина традиционално градоначалниците беа од српските партии, можеби се очекуваше тоа да се повтори, но со тоа што ја добив довербата на граѓаните се покажа дека потегот на моите сопартици бил исправен. Мојот предизвик е уште поголем, бидејќи за првпат имаме градоначалничка од СДСМ во Североисточниот Регион, а и потешко е да се биде градоначалничка во рурална средина отколку во урбана, бидејќи предрасудите и проблемите се поголеми“, вели Јовановска.

Јовановска е и единствената градоначалничка во Македонија која на локалните избори имаше противкандидатка во изборната трка, Елена Јаќимовиќ од ВМРО-ДПМНЕ (Фото: СДК.МК)

Таа вели дека како што жената е столб на куќата, така и таа ќе биде столб на општината. Со домаќинско работење ќе ги вратат натрупаните долгови и ќе ја застане на здрави нозе.

„Општината Старо Нагоричане има долг од околу еден милион евра и ќе биде многу тешко да се враќа без да се наруши нормалното функционирање. Слушам дека на вработените им ги исклучиле службените мобилни телефони, постои опасност да ни ја исклучат и струјата поради неплатени сметки. Тоа е огромен хендикеп за една рурална општина, но се надевам дека со помош на централната власт и домаќинско работење на мојот тим ќе успееме да ги решиме натрупаните проблеми“, ветува Јовановска.

Таа прво ќе се зафати со реализација на инфраструктурните проекти, изградба на водоводни системи, улично осветлување и отварање амбуланти.

Општината Старо Нагоричане има голем туристички потенцијал, културно-историски споменици, манастири, цркви, вредни археолошки наоѓалишта и природно богатство. Новата градоначалничка планира да го искористи за економски развој на општината.

Старо Нагоричане се наоѓа во североисточниот регион, на 20 километри од Куманово на самата македонско-српска граница. По површина е една од најголемите општина во државата во која живеат околу 5.000 жители, 80 отсто Македонци и 20 отсто Срби, главно повозрасно население во 39 села од разбиен тип. По течението на реката Пчиња, кон граничниот премин Пелинце и меморијалниот центар АСНОМ има повеќе викенд населби, па фреквенцијата на луѓе во летниот период е многу поголема.

С. НИКОЛИЌ