Пазарната вредност на „Кока кола“ падна за четири милијарди долари откако Кристијано Роналдо отстрани две шишиња од овој пијалак за време на прес-конференцијата пред мечот со Унгарија на Европското првенство.
Капитенот на Португалија, кој е познат како фанатик за здрав живот, ги тргна „кока колите“ ставени на масата пред него и јавно порача да се пие вода.
Вредноста на акциите на „Кока кола“ набргу потоа падна од 56,10 на 55,22 долари, односно за 1,6%. Во пари, тоа значеше намалување на пазарната вредност на брендот од 242 на 238 милијарди долари.
„Секој има право да пие што сака“, соопшти „Кока кола“, која е еден од спонзорите на ЕП.
Роналдо вчера даде два гола против Унгарија и стана најдобриот стрелец во историјата на европските првенства со 11 погодоци.