Кристијано Роналдо не се срами да ја покажува својата неверојатна фигура и иако 33-годишен, секогаш изгледа како да е во топ-форма. Освен посветеноста кон тренинзите, ова, секако, се должи и на неговиот внимателен режим на исхрана.
Роналдо мора да ги брои калориите, но имајќи предвид колку тренира и вежба секој ден, баш и не мора да се воздржува кога е во прашање храната.
Појадокот вообичаено се смета за најважен оброк за спортистите и Роналдо вели дека наутро јаде доволно за да се обезбеди со енергија до ручекот. Како што откри за „Бизнис инсајдер“, неговиот појадок се состои од јајца и шунка, кроасани, тост со авокадо, јогурт и од разни овошја. Ова го дополнува со свежо цедени сокови и кафе.
„Една од тајните на мојот успех е што јадам редовно. Дневно можам да изедам и до шест мали оброци“, вели Роналдо.
За ручек преферира риба, при што омилен му е бакалар, со кромид, компири и матени јајца. Главниот готвач на португалската репрезентација вели дека често му бара и сабјарка и бранцин.
„Како одговорен спортист, тој јаде сѐ што ќе се зготви, но најмногу сака некои видови риба, како сабјарка и бранцин“, вели готвачот Лаврадор.
Роналдо додава дека протеините се клучот на неговата диета.
„Избегнувам работи кои се лоши за мене, како алкохол, газирани сокови и процесуирана храна. Сакам свежи овошје и зеленчук, цели зрна и посни протеини“.
Во ресторан, Роналдо нема проблем да нарача голем стек со салата, а место класични грицки, тој сака да мези туна на леб.