Вирусите можат да бидат активни надвор од телото со часови, дури и денови. Дезинфициенси, марамчиња, гелови и креми содржат алкохол кој помага да се ослободиме од нив, но не се така добри и ефикасни како обичен сапун.
И додека научниците сѐ уште немаат развиено лек за КОВИД-19, главната препорака и натаму останува редовно да се мијат рацете со сапун.
Како обичен сапун е толку добро оружје против САРС, КОВИД-19 и вируси воопшто?
„Тоа е кратка приказна: вирусот е самосоставена честичка чија најслаба алка е липидниот (мастен) двослој. Сапунот ја разложува масната мембрана и вирусот се распаѓа како кула од карти, односно станува неактивен, бидејќи вирусите не се навистина живи“, вели Пали Тордарсон, професор по хемија на универзитетот Нов Јужен Велс во Сиднеј.
Кога кашламе или киваме, ситни капки се разлетуваат наоколу и до десет метри. Поголемите, за кои се верува дека се главни преносители на коронавирусот, одат најмногу до два метра. Тие ситни капки завршуваат на површини и се сушат, но вирусите остануваат активни. Човечката кожа е идеална површина за вируси затоа што е органска и тие тука се врзуваат за протеини и масни киселини.